Нов Завет

Лука 5:11-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници.

12. Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш!“

13. Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него.

14. Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите.

15. Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести.

16. Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше.

17. Еден ден, додека Исус поучуваше, меѓу слушателите седеа и некои фарисеи и вероучители, дојдени од сите градови на Галилеја и на Јудеја, како и од Ерусалим. Силата Господова Го поттикнуваше Исуса да исцелува болни.

18. И ете, некои луѓе носеа парализиран човек на носила; тие се обидуваа да го внесат човекот внатре, кај Исус.

19. Кога поради големата толпа не успеаја да го внесат внатре, тие се искачија на куќата и преку покривот го спуштија сосе носилата сред народот, пред Исус.

20. Кога Исус виде со колкава вера го прават тоа, му се обрати на парализираниот: „Човеку, гревовите ти се простуваат!“

21. Вероучителите и фарисеите почнаа да си шепотат меѓу себе: „Овој човек е богохулник! Само Бог може да простува гревови и никој друг!“

22. Знаејќи им ги мислите, Исус им рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли?

23. Полесно ли е да се каже: ,Гревовите ти се простуваат!‘, или ,Стани и оди!‘?

24. Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјава да простувам гревови!“ Потоа му се обрати на парализираниот: „Ти наредувам: стани, земи си ја постелата и оди си здрав дома!“

Прочитајте целосна глава Лука 5