Нов Завет

Лука 5:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Еднаш, Исус стоеше на брегот на Генисаретското Езеро, а луѓето се туркаа кон Него за да ја слушаат Божјата порака.

2. Тој здогледа две бротчиња извлечени на брегот. Рибарите беа излегле да ги чистат своите мрежи.

3. Исус влезе во едно од бротчињата, кое му припаѓаше на Симон, и го замоли малку да го оттурне од брегот. Потоа Исус седна на бротчето и започна да го поучува народот.

4. Кога заврши со говорот, Исус му рече на Симон: „Одвеслај понатаму, во подлабока вода, и фрлете ги мрежите.“

5. Но Симон Му одговори: „Господару, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но штом Ти заповедаш, ќе ги фрлиме мрежите.“

6. Кога ги спуштија мрежите уловија толку многу риби, што речиси им се искинаа мрежите.

7. Ги повикаа другарите од другото бротче да дојдат да им помогнат. Тие дојдоа и ги наполнија двете бротчиња со толку риби, што бротчињата речиси потонаа.

8. Гледајќи го ова, Симон Петар падна пред Исуса на колена и рече: „Оди си од мене, Господе; јас сум грешен човек!“

9. Зашто, голем страв ги беше зафатил и него и оние што беа со него, поради случката со уловените риби.

10. Истото важеше и за другарите на Симон: Јаков и Јован - синови на Завдај. Исус му одговори на Симона: „Не плаши се! Отсега ќе одиш по луѓе, а не по риби.“

11. Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници.

12. Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш!“

Прочитајте целосна глава Лука 5