Нов Завет

Лука 4:35-44 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

35. Исус му заповеда: „Замолкни и излези од него!“ Демонскиот дух го кутна човекот наземи пред очите на сите и излезе од човекот, не повредувајќи го.

36. Луѓето беа стаписани и си говореа еден со друг: „Какви моќни зборови, полни со власт и сила да им се заповеда на демони и тие да излегуваат!“

37. По ова, веста за Исус се разнесе низ сите околни места.

38. Исус си замина од синагогата и дојде во куќата на Својот ученик Симон Петар, каде што неговата тешта лежеше болна и имаше голема треска. Исус беше замолен да ја исцели, а

39. Тој се наведна над неа и со заповед ја ослободи од треската. Жената веднаш стана и почна да ги послужува.

40. На зајдисонце сите што имаа болни од некаква болест ги носеа кај Исус и Тој ги положуваше Своите раце врз нив и сите тие оздравуваа.

41. Од мнозина излегуваа демони, извикувајќи: „Ти си Божјиот Син!“, а Тој им забрануваше да зборуваат, зашто тие знаеја дека Тој е Месијата.

42. Следниот ден, во мугрите, Исус стана и отиде сам на едно пусто место. Луѓето почнаа да Го бараат и кога Го најдоа Го задржуваа да не си оди,

43. но Тој им рече: „Треба да ја проповедам Радосната вест за Божјото царство и во другите градови, зашто сум испратен за таа цел.“

44. И проповедаше по синагогите низ цела Јудеја.

Прочитајте целосна глава Лука 4