Нов Завет

Лука 4:31-44 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

31. Потоа Исус замина за Кафарнаум, град во Галилеја, каде што во саботите го поучуваше народот.

32. Луѓето беа одушевени од Неговите поуки, зашто Тој зборуваше со авторитет.

33. Во синагогата имаше еден човек обземен од демон, кој викаше на сиот глас:

34. „Што сакаш од нас, Исусе од Назарет? Зар Си дошол да нe уништиш? Знам Кој си Ти: Ти си Божјиот Светец, испратен од Бог!“

35. Исус му заповеда: „Замолкни и излези од него!“ Демонскиот дух го кутна човекот наземи пред очите на сите и излезе од човекот, не повредувајќи го.

36. Луѓето беа стаписани и си говореа еден со друг: „Какви моќни зборови, полни со власт и сила да им се заповеда на демони и тие да излегуваат!“

37. По ова, веста за Исус се разнесе низ сите околни места.

38. Исус си замина од синагогата и дојде во куќата на Својот ученик Симон Петар, каде што неговата тешта лежеше болна и имаше голема треска. Исус беше замолен да ја исцели, а

39. Тој се наведна над неа и со заповед ја ослободи од треската. Жената веднаш стана и почна да ги послужува.

40. На зајдисонце сите што имаа болни од некаква болест ги носеа кај Исус и Тој ги положуваше Своите раце врз нив и сите тие оздравуваа.

41. Од мнозина излегуваа демони, извикувајќи: „Ти си Божјиот Син!“, а Тој им забрануваше да зборуваат, зашто тие знаеја дека Тој е Месијата.

42. Следниот ден, во мугрите, Исус стана и отиде сам на едно пусто место. Луѓето почнаа да Го бараат и кога Го најдоа Го задржуваа да не си оди,

43. но Тој им рече: „Треба да ја проповедам Радосната вест за Божјото царство и во другите градови, зашто сум испратен за таа цел.“

44. И проповедаше по синагогите низ цела Јудеја.

Прочитајте целосна глава Лука 4