Нов Завет

Лука 4:21-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

21. па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“

22. Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“

23. Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум.

24. Но вистина е дека ниту еден пророк не добива признание во своето место на живеење.

25. Еве ја вистината: иако имаше многу гладни вдовици во Израел, во времето на пророкот Илија, кога три и пол години владееше суша по целата земја,

26. сепак, Илија не беше испратен кај ниедна од Израел, туку кај една вдовица во Царфат, во Сидонската земја.

27. Имаше и многу лепрозни во Израел, во времето на пророкот Елиша, но ниту еден од нив не беше исцелен, туку само Нааман, кој беше од Сирија.“

28. Кога присутните во синагогата го слушнаа тоа, многу се разлутија;

29. па станаа и Го исфрлија Исуса од градот и Го однесоа на врвот од ридот на кој се наоѓаше градот, со намера да Го турнат во бездна.

30. Но Тој успеа да се спровре низ толпата народ и си отиде.

31. Потоа Исус замина за Кафарнаум, град во Галилеја, каде што во саботите го поучуваше народот.

32. Луѓето беа одушевени од Неговите поуки, зашто Тој зборуваше со авторитет.

33. Во синагогата имаше еден човек обземен од демон, кој викаше на сиот глас:

34. „Што сакаш од нас, Исусе од Назарет? Зар Си дошол да нe уништиш? Знам Кој си Ти: Ти си Божјиот Светец, испратен од Бог!“

35. Исус му заповеда: „Замолкни и излези од него!“ Демонскиот дух го кутна човекот наземи пред очите на сите и излезе од човекот, не повредувајќи го.

Прочитајте целосна глава Лука 4