Нов Завет

Лука 4:12-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“

13. Исцрпувајќи ги сите можни искушенија, Ѓаволот Го остави, очекувајќи друг погоден момент.

14. Тогаш Исус се врати во Галилеја, исполнет со силата на Светиот Дух. Набргу Тој стана познат по целиот крај.

15. Тој поучуваше по синагогите и сите Го фалеа.

16. Потоа Исус се врати во Назарет, каде што беше пораснал и, како што имаше обичај, во саботата дојде во синагогата. Таму стана да чита од Светото Писмо.

17. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија, а Тој ја отвори на местото каде што е напишано следново:

18. „Врз Мене почива Духот на Господ, зашто Тој Ме назначи да им ја донесам Радосната вест на бедните,

19. да им навестам ослободување на заробените, да им го вратам видот на слепите, да ги ослободам угнетените, да го прогласам времето на Господовата лагонаклоност.“

20. Потоа ја затвори книгата, му ја врати на служителот и седна. Погледите на сите присутни во синагогата беа вперени во Него,

21. па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“

22. Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“

23. Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум.

24. Но вистина е дека ниту еден пророк не добива признание во своето место на живеење.

25. Еве ја вистината: иако имаше многу гладни вдовици во Израел, во времето на пророкот Илија, кога три и пол години владееше суша по целата земја,

26. сепак, Илија не беше испратен кај ниедна од Израел, туку кај една вдовица во Царфат, во Сидонската земја.

27. Имаше и многу лепрозни во Израел, во времето на пророкот Елиша, но ниту еден од нив не беше исцелен, туку само Нааман, кој беше од Сирија.“

Прочитајте целосна глава Лука 4