Нов Завет

Лука 24:4-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Додека стоеја таму збунети, ненадејно пред нив се појавија двајца мажи во блескави облеки.

5. Исплашени, жените се наведнаа кон земјата, кога тие им се обратија, велејќи им: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?

6. Тој не е овде! Воскресна! Сетете се што ви велеше уште додека беше во Галилеја:

7. ,Синот Човечки ќе треба да биде предаден во рацете на грешници, кои ќе Го распнат, но на третиот ден Тој ќе воскресне.‘

8. Тогаш жените се сетија дека Исус навистина им го кажа тоа.

9. Кога се вратија од гробот, жените им го кажаа сето ова на единаесеттемина Исусови ученици и на сите други.

10. Меѓу жените беа и Марија од Магдала и Јоана, и Марија - мајката на Јаков, и други жени кои им го кажаа тоа на апостолите,

11. но апостолите ги сметаа нивните зборови за измислени и не им поверуваа.

12. Сепак, Петар стана и со трчање се упати кон гробницата. Тој ѕирна внатре и не виде ништо друго освен платното во кое беше замотано телото на Исус. Потоа се врати дома, во голема недоумица за она што се случило.

13. Истиот ден двајца од Исусовите ученици одеа кон селото Емаус, кое се наоѓаше на околу единаесет километри од Ерусалим.

14. Двајцата разговараа меѓу себе за сето ова што се случуваше.

15. Додека разговараа за сe што се случи и размислуваа, до нив се приближи Исус и зачекори заедно со нив,

16. но нивните очи не Го препознаа.

17. Вклучувајќи се во разговорот, Исус ги праша: „За што разговарате по пат?“ Тие застанаа како скаменети, со тажни изрази на лицата.

18. Едниот од нив, кој се викаше Клеопас, му рече: „Ти мора да си единствениот од сите дојдени во Ерусалим кој не знае што се случува деновиве!“

19. Тој ги запраша: „За што станува збор?“ Тие Му одговорија: „За она што Му се случи на Исус од Назарет! Тој беше пророк и се докажа како силен на зборови и на дела, како пред Бога така и пред луѓето.

20. Но нашите свештенички поглавари и управниците Го уапсија и Го предадоа за да биде осуден на смрт и потоа Го распнаа.

21. А ние се надевавме дека Тој е Месијата што ќе го ослободи Израел! Еве, веќе е трет ден откако тоа се случи.

22. Некои жени од нашата група нe збунија; тие биле на гробот,

23. но таму Го немало Неговото тело! Кога се вратија, тие ни кажаа дека им се појавиле ангели кои им рекле дека Исус е жив.

Прочитајте целосна глава Лука 24