Нов Завет

Лука 24:35-51 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

35. Потоа почнаа да им раскажуваат за сето она што им се случи ним, на двајцата, на патот кон Емаус, и како Го препознаа кога Тој го раскрши лебот.

36. Додека овие двајца им го раскажуваа тоа, меѓу нив се појави Исус, застана и ги поздрави, посакувајќи им мир.

37. Присутните беа збунети и исплашени, па мислеа дека гледаат дух.

38. Но Исус им рече: „Што сте се стаписале? Зошто ви се јавуваат сомнежи во мислите?

39. Видете Ми ги рацете и нозете, па уверете се дека тоа Сум Јас. Допрете Ме и ќе се уверите, зашто духот нема ни месо ни коски, а гледате дека Јас имам!“

40. Кога го рече ова, Тој им ги покажа рацете и нозете.

41. Од радост и од возбуда, тие не можеа да им веруваат на сопствените очи! Затоа, Исус им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“

42. Тие Му подадоа парче печена риба,

43. и Тој ја изеде пред нивните очи.

44. Потоа Исус им рече: „За ова ви зборував уште додека бев со вас, имено, сe што е претскажано за Мене во книгите на Мојсеевиот Закон, на пророците и во Псалмите, требаше да се исполни.“

45. Тогаш им ги просветли умовите за да им стане јасно Светото Писмо,

46. и им рече: „Запишано е дека Месијата треба да настрада и да воскресне на третиот ден,

47. дека во Неговото име ќе се проповеда пораката за покајание и простување на гревовите меѓу сите народи, почнувајќи од Ерусалим.

48. Вие сте сведоци за тоа.

49. Јас ќе ви го испратам Светиот Дух, Кој ви го вети Мојот небесен Татко, а вие останете во градот, сe додека Светиот Дух не слезе врз вас со сила од небото.“

50. Потоа Исус ги поведе надвор од градот, во близина на Бетанија, каде што ги подигна Своите раце и почна да ги благословува.

51. Додека ги благословуваше, се подигаше над нив и се вознесе на небото.

Прочитајте целосна глава Лука 24