Нов Завет

Лука 24:31-49 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

31. Тогаш очите им се отворија и тие Го познаа! Но во истиот миг Тој исчезна - стана невидлив за нивните очи!

32. Тие си проговорија еден на друг: „Зар не ни се разгореа срцата уште по патот, кога Тој ни говореше и ни го објаснуваше Светото Писмо!?“

33. Тогаш тие веднаш станаа и се вратија во Ерусалим, каде што ги најдоа единаесеттемина ученици, собрани со своите пријатели,

34. па им рекоа: „Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон Петар!“

35. Потоа почнаа да им раскажуваат за сето она што им се случи ним, на двајцата, на патот кон Емаус, и како Го препознаа кога Тој го раскрши лебот.

36. Додека овие двајца им го раскажуваа тоа, меѓу нив се појави Исус, застана и ги поздрави, посакувајќи им мир.

37. Присутните беа збунети и исплашени, па мислеа дека гледаат дух.

38. Но Исус им рече: „Што сте се стаписале? Зошто ви се јавуваат сомнежи во мислите?

39. Видете Ми ги рацете и нозете, па уверете се дека тоа Сум Јас. Допрете Ме и ќе се уверите, зашто духот нема ни месо ни коски, а гледате дека Јас имам!“

40. Кога го рече ова, Тој им ги покажа рацете и нозете.

41. Од радост и од возбуда, тие не можеа да им веруваат на сопствените очи! Затоа, Исус им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“

42. Тие Му подадоа парче печена риба,

43. и Тој ја изеде пред нивните очи.

44. Потоа Исус им рече: „За ова ви зборував уште додека бев со вас, имено, сe што е претскажано за Мене во книгите на Мојсеевиот Закон, на пророците и во Псалмите, требаше да се исполни.“

45. Тогаш им ги просветли умовите за да им стане јасно Светото Писмо,

46. и им рече: „Запишано е дека Месијата треба да настрада и да воскресне на третиот ден,

47. дека во Неговото име ќе се проповеда пораката за покајание и простување на гревовите меѓу сите народи, почнувајќи од Ерусалим.

48. Вие сте сведоци за тоа.

49. Јас ќе ви го испратам Светиот Дух, Кој ви го вети Мојот небесен Татко, а вие останете во градот, сe додека Светиот Дух не слезе врз вас со сила од небото.“

Прочитајте целосна глава Лука 24