Нов Завет

Лука 24:28-48 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

28. Кога се приближија до селото Емаус, кон кое беа тргнале, Исус се направи како да сака да си продолжи по патот,

29. но тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот е веќе при крај и почнува да се стемнува.“ Така Тој влезе и остана со нив.

30. Седејќи со нив на трпезата, Тој зеде леб, Му се заблагодари на Бог, па го раскрши и им го раздели.

31. Тогаш очите им се отворија и тие Го познаа! Но во истиот миг Тој исчезна - стана невидлив за нивните очи!

32. Тие си проговорија еден на друг: „Зар не ни се разгореа срцата уште по патот, кога Тој ни говореше и ни го објаснуваше Светото Писмо!?“

33. Тогаш тие веднаш станаа и се вратија во Ерусалим, каде што ги најдоа единаесеттемина ученици, собрани со своите пријатели,

34. па им рекоа: „Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон Петар!“

35. Потоа почнаа да им раскажуваат за сето она што им се случи ним, на двајцата, на патот кон Емаус, и како Го препознаа кога Тој го раскрши лебот.

36. Додека овие двајца им го раскажуваа тоа, меѓу нив се појави Исус, застана и ги поздрави, посакувајќи им мир.

37. Присутните беа збунети и исплашени, па мислеа дека гледаат дух.

38. Но Исус им рече: „Што сте се стаписале? Зошто ви се јавуваат сомнежи во мислите?

39. Видете Ми ги рацете и нозете, па уверете се дека тоа Сум Јас. Допрете Ме и ќе се уверите, зашто духот нема ни месо ни коски, а гледате дека Јас имам!“

40. Кога го рече ова, Тој им ги покажа рацете и нозете.

41. Од радост и од возбуда, тие не можеа да им веруваат на сопствените очи! Затоа, Исус им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“

42. Тие Му подадоа парче печена риба,

43. и Тој ја изеде пред нивните очи.

44. Потоа Исус им рече: „За ова ви зборував уште додека бев со вас, имено, сe што е претскажано за Мене во книгите на Мојсеевиот Закон, на пророците и во Псалмите, требаше да се исполни.“

45. Тогаш им ги просветли умовите за да им стане јасно Светото Писмо,

46. и им рече: „Запишано е дека Месијата треба да настрада и да воскресне на третиот ден,

47. дека во Неговото име ќе се проповеда пораката за покајание и простување на гревовите меѓу сите народи, почнувајќи од Ерусалим.

48. Вие сте сведоци за тоа.

Прочитајте целосна глава Лука 24