Нов Завет

Лука 23:8-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо.

9. Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше.

10. Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус.

11. Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат.

12. На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници.

13. Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот,

14. и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате,

15. ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна.

16. Предлагам да Го предадам на камшикување и да Го пуштам.“

17. (Секоја година, по повод празникот Пасха, Пилат им ослободуваше по еден затвореник.)

18. Но тие сите во еден глас повикаа: „Погуби Го овој, а пушти ни го Бараба!“

19. Бараба беше затворен поради учество во некој градски бунт и поради убиство.

20. Пилат сакаше да Го пушти Исуса, па затоа повторно им се обрати на присутните,

21. но тие продолжија да викаат: „Распни Го! Распни Го!“

22. Пилат по третпат им се обрати: „А какво злосторство извршил? Јас не најдов никаква вина кај Него за да Го осудам на смрт! Затоа, предлагам да биде камшикуван, а потоа ослободен!“

23. Но тие со голема викотница продолжуваа да бараат Исус да биде распнат и конечно надвладеаја.

24. Пилат реши да го задоволи нивното барање.

25. Им го пушти од затвор човекот чие ослободување го бараа - затвореникот за бунт и убиство - а Исуса им Го препушти на нивната волја.

Прочитајте целосна глава Лука 23