Нов Завет

Лука 23:5-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“

6. Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“

7. Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим.

8. Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо.

9. Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше.

10. Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус.

11. Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат.

12. На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници.

13. Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот,

14. и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате,

15. ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна.

Прочитајте целосна глава Лука 23