Нов Завет

Лука 23:44-54 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

44. Беше околу дванаесет часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот.

45. Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината.

46. Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре.

47. Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник!“

48. Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост.

49. Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа.

50. Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек,

51. и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство.

52. Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус.

53. Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите.

54. Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата.

Прочитајте целосна глава Лука 23