Нов Завет

Лука 21:7-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Тогаш тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа? По што ќе се познае дека тоа ќе почне да се исполнува?“

8. А Тој им рече: „Чувајте се да не бидете заведени. Мнозина ќе се појават под Моето име и ќе тврдат: ,Јас сум вистинскиот Месија!‘ и ,Дојде времето!‘ Не одете по таквите!“

9. „Нека не ве обзема паника кога ќе чуете за војни и револуции! Сето тоа ќе мора да се случи во почетокот, но тоа не е крајот.“

10. Потоа Тој продолжи: „Ќе се кренат народи и ќе војуваат едни против други, едно царство против друго.

11. Ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има глад и смртоносни епидемии. На небото ќе се јавуваат необични и страшни појави.

12. Но пред сето ова, вас ќе ве апсат и ќе ве прогонуваат. Ќе ве водат на судење по синагогите и ќе ве затвораат. Ќе ве изведуваат пред цареви и владетели, поради вашата вера во Мене.

13. Но тоа ќе бидат можности за вас, да посведочите за Радосната вест.

14. Запомнете дека не треба да се грижите како ќе се браните,

15. зашто Јас ќе ви дадам такви зборови и мудрост на кои вашите противници не ќе можат да им противречат и да им се противставуваат.

16. А ќе ве предаваат и вашите сопствени родители, браќа, роднини и пријатели. Некои од вас ќе бидат и погубени.

17. Сите ќе ве замразат поради вашата вера во Мене.

18. Но, ни влакно од главата нема да ви падне.

19. Останете непоколебливи и ќе ги спасите своите души.“

20. „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте дека наскоро тој ќе биде разурнат.

21. Тогаш тие што ќе се најдат во Јудеја нека бегаат во планините! Тие што се во Ерусалим нека излезат од него! Тие што ќе бидат по нивите нека не се враќаат во градот!

22. Зашто, тоа ќе биде време на Божја казна и ќе се исполни сe што е запишано за тоа во Светото Писмо.

Прочитајте целосна глава Лука 21