Нов Завет

Лука 20:17-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

17. Исус ги погледна и ги праша: „Тогаш, што значат следниве зборови запишани во Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија, стана камен - темелник‘?

18. Секој што ќе се сопне од тој камен ќе се распарчи, и врз кого тој ќе падне - ќе го здроби!“

19. Во тој момент, вероучителите и свештеничките поглавари сакаа да Го уапсат Исуса, бидејќи сфатија дека кажаната споредба се однесува на нив; но се плашеа од народот.

20. Продолжија да Го држат на око, а Му испраќаа и поткажувачи кои се преправаа дека се искрени, за да Го уловат на зборови и да Го поткажат на властите и на покраинските управници.

21. Тие Му велеа: „Учителе, знаеме дека тоа што го зборуваш и го учиш е правилно. Знаеме дека Ти не гледаш на тоа кој е кој, туку вистинито го проповедаш Божјиот пат.

22. Кажи ни, дали ние треба да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“

23. Исус го проѕре нивното лукавство, па им рече:

24. „Покажете ми една римска монета. Чиј лик и име се втиснати на монетата?“ Тие Му одговорија: „На императорот“.

25. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога - тоа што Му припаѓа на Бога!“

26. И не можеа да Го уловат на збор пред народот, па затоа, вчудовидени, замолкнаа.

Прочитајте целосна глава Лука 20