Нов Завет

Лука 2:9-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија.

10. Но ангелот им рече: „Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи.

11. Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот - Месијата, Господ.

12. Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој.“

13. Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи:

14. „Слава на Бог во небесата, а на Земјата мир за луѓето над кои почива Неговата благонаклоност!“

15. Кога ангелите се вратија на небото, пастирите си рекоа еден со друг: „Ајде да појдеме до Витлеем и да ја видиме оваа случка со која нe запозна Господ!“

16. Отидоа брзајќи и ги најдоа Марија и Јосиф со Новороденчето кое лежеше во јаслите.

17. Откако Го видоа, на сите им раскажуваа за сето она што им го беше рекол ангелот за Детето.

18. Сите што го слушаа ова од пастирите, се восхитуваа,

19. а Марија ги запамети сите тие зборови и често размислуваше за нив.

20. Потоа пастирите се вратија, пеејќи Му славопојки на Бог за сето она што го слушнаа и видоа, зашто сe беше точно така како што им кажа ангелот.

21. На осмиот ден, при обрежувањето, на Новороденчето Му беше дадено името Исус, како што Го беше нарекол ангелот уште пред да биде зачнат.

22. Кога помина времето на нивното исчистување, согласно со Мојсеевиот Закон, Јосиф и Марија Го донесоа Детето во Ерусалим за да Го посветат пред Господ,

23. како што е пропишано со Законот Господов: ,Секое првородено машко дете да Му биде посветено на Господ.‘

24. Отидоа да принесат и жртва: две грлици или две гулапчиња, како што се бараше според Господовиот Закон.

25. Во тоа време, во Ерусалим живееше еден човек по име Симон. Тој беше добар и богобојазлив, исполнет со Светиот Дух, и Го очекуваше Месијата Кој ќе го избави Израел.

Прочитајте целосна глава Лука 2