Нов Завет

Лука 17:14-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Исус ги погледна и им рече: ,Одете на преглед кај свештениците!‘ Додека одеа таму, оздравеа.

15. Еден од нив, кога виде дека оздраве, се врати кај Исус, славејќи Го Бога на сиот глас.

16. Падна ничкум пред Исусовите нозе и почна да Му се заблагодарува. Тој човек беше Самарјанец.

17. Тогаш Исус рече: „Зар не исцелив десетмина? Каде се останатите девет души?“

18. Ниеден од нив не се врати да Му заблагодари на Бог, освен овој туѓинец.

19. Потоа Исус му рече: „Стани и оди си, твојата вера те исцели!“

20. Еден ден, некои од фарисеите Го прашаа Исуса: „Кога ќе завладее Божјото царство?“ Неговиот одговор гласеше: „Божјото царство не доаѓа на видлив начин.

21. Не може да се каже: Еве го овде! или Ене го онде! Божјото царство е меѓу самите вас.“

22. Потоа им рече на Своите ученици: „Ќе дојде време кога ќе копнеете да Ме видите Мене, Синот Човечки, макар и само еден ден, но нема да Ме видите.

23. Ќе има луѓе што ќе ви зборуваат: ,Ене Го онде!‘ или ,Еве Го овде!‘

24. Не одете по нив да Го барате, зашто, како што молскавицата светка на едниот крај на небото, а болскотот и се гледа до другиот крај, така ќе биде и со Синот Човечки на денот на Неговото враќање.

25. Но Тој најпрво ќе мора да настрада и да биде отфрлен од оваа генерација.

26. Во времето кога ќе се вратам Јас, Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде слична со онаа во времето на Ное:

27. луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да се женат и да се мажат, сe додека Ное не влезе во ковчегот и настапи потопот, кој сите нив ги погуби.

28. Состојбата во светот ќе биде како во времето на Лот: луѓето си продолжуваа да јадат, да пијат, да купуваат и да продаваат, да садат и да градат.

29. Но штом Лот излезе од Содом, од небото се истури оган и сулфур и сите ги погуби.

Прочитајте целосна глава Лука 17