Нов Завет

Лука 16:5-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Па ги повика сите должници на неговиот господар и го праша првиот: ,Што и колку му должиш ти на мојот господар?‘

6. ,Сто буриња маслиново масло‘ - му одговори тој. ,Еве ти нова потврда и напиши дека должиш педесет буриња‘ - му рече настојникот.

7. Потоа го праша вториот: ,Колку должиш ти?‘ Овој одговори: ,Сто вреќи пченица.‘ Настојникот му рече: ,Еве ти нова потврда и напиши осумдесет.‘

8. И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапил снаодливо. Бездруго, световните луѓе се многу поитри во вршењето на своите работи во споредба со побожните луѓе.“

9. Потоа Исус продолжи: „Јас ви порачувам: стекнувајте си пријатели со световното богатство, па кога него ќе го снема, ќе бидете примени во вечните домови.

10. Тој што е верен во мали работи, ќе биде верен и во големи, а тој што е нечесен во мали работи, ќе биде нечесен и во големи.

11. Ако не се покажете верни со земното богатство, кое не е вистинско богатство, не очекувајте да ви биде доверено вистинското, небесно богатство.

12. Ако не сте верни со она што не е ваше, не очекувајте дека ќе ви биде дадено вашето!“

13. „Ниеден слуга не може верно да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази, или едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бог и на парите!“

14. Сето ова го слушаа фарисеите и Му се подбиваа на Исус, зашто тие беа лакоми за пари.

15. А Исус им рече: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ви ги познава срцата: во очите на луѓето сте големи, но пред Бога сте гнасни!

16. Мојсеевиот Закон и учењата на пророците беа на сила до времето на Јован Крстител. Оттогаш наваму се проповеда Радосната вест за Божјото царство и секој навалува да влезе во него.

17. Но попрво ќе исчезнат небото и Земјата, отколку еден ситен детаљ од Божјиот Закон.“

18. „Тој што ќе се разведе од својата жена и ќе се ожени за друга - врши прељуба. Тој што ќе се ожени со разведена жена - исто така врши прељуба.“

19. „Си беше еднаш еден многу богат човек, кој се облекуваше во скапоцена и модерна облека, секој ден се гоштаваше и живееше раскошно.

Прочитајте целосна глава Лука 16