Нов Завет

Лука 16:19-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. „Си беше еднаш еден многу богат човек, кој се облекуваше во скапоцена и модерна облека, секој ден се гоштаваше и живееше раскошно.

20. А имаше и еден сиромашен човек, по име Лазар, целиот во рани, кој просеше пред портите на богатиот,

21. копнеејќи да се прехрани од она што се фрлаше од трпезата на богатиот, таму, каде што и пците доаѓаа да му ги лижат раните.

22. Кога почина сиромавиот, ангелите го одведоа на небото, каде што е Авраам. Почина и богатиот и беше погребан.

23. Тој заврши во адот, во страшни маки, од каде што во далечините го забележа Авраама, а до него и Лазара,

24. па извика: ,Татко Аврааме! Имај милост спрема мене и испрати ми го Лазар со намокрен прст да ми го разлади јазикот, зашто страшно се измачувам во овој оган!‘

25. А Авраам му рече: ,Сети се, синко, дека во твојот живот ти ги имаше сите добри работи, а Лазар сите лоши. Сега, тој ужива овде, а ти се мачиш.

26. Освен тоа, меѓу нас и вас има длабока бездна преку која никој не може да помине ни одовде таму, ни оттаму ваму.‘

27. А бившиот богатник рече: ,Тогаш, те молам, татко Аврааме, испрати го Лазар во домот на татко ми,

28. каде што имам петмина браќа; нека ги предупреди сериозно, за да не втасаат и тие на ова страшно место на измачување!‘

29. А Авраам му одговори: ,Тие ги имаат светите писма на Мојсеј и на пророците за да ги предупредуваат; нив нека ги почитуваат.‘

30. Но тој пак продолжи: ,Не, татко Аврааме, тоа нема да ги обрати; само ако им дојде некој од мртвите, тие ќе се обратат!‘

31. Во заклучок, Авраам му одговори: ,Ако не ги слушаат учењата на Мојсеј и на пророците нема да поверуваат дури ни ако некој воскресне од мртвите!‘“

Прочитајте целосна глава Лука 16