Нов Завет

Лука 16:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. На Своите ученици, Исус им ја раскажа и следнава приказна: „Еден богат човек имаше свој куќен настојник за кој слушал гласови дека му го растура имотот.

2. Го повика кај себе и му рече: ,Што е ова што го слушам за тебе? Поднеси ми завршен извештај за управувањето со мојот имот, зашто повеќе не си мој настојник!‘

3. Тогаш настојникот си рече: ,Господарот ќе ме отпушти од работа; што да правам? Да копам не можам, а се срамам да просам.

4. Сега знам што треба да сторам, за да си стекнам пријатели кои ќе ме примаат во своите домови, кога ќе бидам отпуштен од работа.‘

5. Па ги повика сите должници на неговиот господар и го праша првиот: ,Што и колку му должиш ти на мојот господар?‘

6. ,Сто буриња маслиново масло‘ - му одговори тој. ,Еве ти нова потврда и напиши дека должиш педесет буриња‘ - му рече настојникот.

7. Потоа го праша вториот: ,Колку должиш ти?‘ Овој одговори: ,Сто вреќи пченица.‘ Настојникот му рече: ,Еве ти нова потврда и напиши осумдесет.‘

8. И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапил снаодливо. Бездруго, световните луѓе се многу поитри во вршењето на своите работи во споредба со побожните луѓе.“

9. Потоа Исус продолжи: „Јас ви порачувам: стекнувајте си пријатели со световното богатство, па кога него ќе го снема, ќе бидете примени во вечните домови.

10. Тој што е верен во мали работи, ќе биде верен и во големи, а тој што е нечесен во мали работи, ќе биде нечесен и во големи.

11. Ако не се покажете верни со земното богатство, кое не е вистинско богатство, не очекувајте да ви биде доверено вистинското, небесно богатство.

Прочитајте целосна глава Лука 16