Нов Завет

Лука 15:20-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Така тој стана и се упати кај татка си. Додека тој беше уште далеку, таткото го здогледа како доаѓа. Му падна жал и му притрча во пресрет, го гушна и го бакна.

21. Синот почна да му зборува, велејќи: ,Татко, ви згрешив и на Бог и тебе! Повеќе не сум достоен да се нарекувам твој син ...‘

22. Но таткото го прекина, заповедајќи им на своите слуги: ,Донесете ја бргу најдобрата облека и облечете го! Ставете му и прстен на раката и обувки на нозете!

23. Доведете го најдоброто теле, заколете го - да јадеме и да го прославиме ова,

24. зашто, овој син беше мртов за мене, а сега оживе; беше загубен, а сега е најден!‘ И така започна прославата.

25. Постариот син, пак, беше на нива. Враќајќи се дома, тој уште оддалеку слушна песни и игри,

26. па, повикувајќи еден од слугите, го праша што се случува.

27. ,Брат ти се врати‘ - му одговори слугата, ,па татко ти го закла најдоброто теле, радосен што го виде здрав.‘

28. Постариот брат се налути и не сакаше да влезе дома. Излезе татко му и почна да го моли.

29. Но тој му рече на татка си: ,Јас ти работев како роб сиве овие години и никогаш не ти бев непослушен, а ти ниеднаш не ми даде ни едно јаре за да се провеселам со пријателите.

30. А кога се врати овој твој син, кој по блудници го потроши сиот свој имот, за него го закла најдоброто теле!‘

31. Таткото му одговори: ,Сине, ти си секогаш овде, со мене, и сe што е мое е и твое.

32. Но треба да се радуваме и да прославиме, зашто брат ти беше мртов и оживе; беше загубен, но сега е најден.‘“

Прочитајте целосна глава Лука 15