Нов Завет

Лука 13:27-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

27. Но Тој повторно ќе ви рече: ,Не знам кои сте и од каде сте! Бегајте од Мене сите вие што вршевте зло!‘

28. Колку ќе плачете и ќе крцкате со заби тогаш, кога ќе ги видите Авраам, Исак, Јаков и сите пророци во Божјото царство, а вие ќе останете избркани надвор!

29. Таму ќе има луѓе од исток и од запад, од север и од југ и ќе седнат на трпезата во Божјото царство.

30. Некои што овде се презрени, таму ќе бидат почитувани, а некои што овде се почитувани, таму ќе бидат презрени!“

31. Во тие мигови кај Исус дојдоа неколку фарисеи и Му рекоа: „Замини си одовде и оди на некое друго место, зашто Ирод сака да Те убие!“

32. Но Исус им одговори: „Одете кај тој лисец и кажете му: уште денес и утре ќе истерувам демонски духови и ќе исцелувам, а на третиот ден ќе завршам.

33. Но денес, утре и задутре морам да го продолжам Својот пат, зашто не прилега Божји пророк да загине на друго место, туку - во Ерусалим!“

34. „Ерусалиме, Ерусалиме - ти што ги убиваш Божјите пророци и ги каменуваш Божјите пратеници испратени во тебе! Колкупати се обидував да ги закрилам твоите жители, како што квачката ги закрилува пилињата под своите крилја, но не Ми допуштивте!

35. Затоа, вашиот дом ќе биде препуштен да запусти. Ве уверувам дека отсега нема да Ме видите, сe додека не дојде време кога ќе речете: ,Благословен да биде Оној што доаѓа во името на Господ!‘

Прочитајте целосна глава Лука 13