Нов Завет

Лука 13:2-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. А Тој им рече: „Немојте да мислите дека овие Галилејци биле најгрешните луѓе меѓу Галилејците, затоа што настрадале на ваков начин!

3. Не, туку, и вам ви велам: ако не се покаете - сите ќе изгинете така!

4. И немојте да мислите дека оние осумнаесетмина што беа згмечени кога врз нив падна кулата во Шилоах беа најгрешни меѓу жителите на Ерусалим!

5. Ви велам дека не беа најгрешни, но ако не се покаете - сите ќе изгинете така!“

6. Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Еден човек имаше во лозјето насадено смоква. Кога дојде да набере плод од неа - не најде.

7. Тогаш му рече на лозарот: „Еве, веќе три години по ред доаѓам и барам плод на оваа смоква, но плод нема; затоа - пресечи ја! Зошто само да ја испостува земјата?“

8. А лозарот му одговори: „Господару! Остави ја уште годинава. Јас ќе ја опкопам и ќе ја наѓубрам;

9. можеби тогаш ќе роди нешто. Ако и потоа не роди ништо - пресечи ја!“

10. Една сабота Исус поучуваше во синагогата.

11. Тука се најде една жена која беше обземена со демонски дух и боледуваше веќе осумнаесет години. Беше целата згрбавена и не можеше да се исправи.

12. Штом ја забележа, Исус ја повика кај Себе и и рече: „Жено, те ослободувам од твојата болест!“

13. Потоа ги стави рацете врз неа и таа веднаш се исправи, па почна да го прославува Бога.

14. Но управникот на синагогата се налути и му рече на насобраниот народ: „Има шест дена за работа! Тогаш доаѓајте и исцелувајте се, а не во сабота!“

15. А Исус му одговори: „Колку сте лицемерни! Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота,

16. а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова, која Ѓаволот веќе осумнаесет години ја држи врзана!“

17. Кога го рече тоа, се посрамија сите Негови противници, а народот им се радуваше на сите чуда што ги правеше Исус.

18. Потоа Исус рече: „Со што да го споредам Божјото царство?

19. Тоа може да се спореди со синапово зрно што ќе го посее човек во својата градина. Тоа израснува и се развива во стебло на кое и птиците слетуваат и си прават гнезда меѓу неговите гранки.“

20. Исус продолжи: „Со што да го споредам Божјото царство?

Прочитајте целосна глава Лука 13