14. Но управникот на синагогата се налути и му рече на насобраниот народ: „Има шест дена за работа! Тогаш доаѓајте и исцелувајте се, а не во сабота!“
15. А Исус му одговори: „Колку сте лицемерни! Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота,
16. а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова, која Ѓаволот веќе осумнаесет години ја држи врзана!“
17. Кога го рече тоа, се посрамија сите Негови противници, а народот им се радуваше на сите чуда што ги правеше Исус.
18. Потоа Исус рече: „Со што да го споредам Божјото царство?
19. Тоа може да се спореди со синапово зрно што ќе го посее човек во својата градина. Тоа израснува и се развива во стебло на кое и птиците слетуваат и си прават гнезда меѓу неговите гранки.“
20. Исус продолжи: „Со што да го споредам Божјото царство?
21. Тоа може да се спореди со квасец што го зема жена и го замесува со три мери брашно; и целото тесто нараснува!“
22. На пат кон Ерусалим, Исус патуваше низ градови и села, поучувајќи ги луѓето.