Нов Завет

Лука 10:18-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. А Исус им рече: „Видов како падна Сатаната, како молскавица од небото!

19. Ете, ви дадов моќ да газите на змии и скорпии и надмоќ над секоја непријателска сила - ништо да не може да ве повреди.

20. Сепак, не радувајте се што ви се потчинуваат демонските духови, туку радувајте се што вашите имиња се запишани како жители на небото!“

21. Во тој миг Исус се исполни со радост, преку Светиот Дух, и рече: „Ти благодарам, небесен Татко, Господару на небото и на Земјата, што сето ова им го откри на скромните, а го скри од оние што мудруваат и се потпираат на својот разум. Да, Татко, така сакаше Ти.

22. Мојот небесен Татко Ме има овластено Мене за сe. Никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и никој не знае Кој е Таткото, освен Синот и оние на кои Синот ќе реши да им открие.“

23. Потоа насамо им рече на учениците: „Благословени се очите што го гледаат ова што го гледате вие!

24. Ви велам: многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што го гледате вие, но не го видоа; сакаа да го слушаат тоа што вие го слушате, но немаа можност!“

25. Еден учител на верскиот Закон дојде и искушувајќи Го Исуса, Го праша: „Учителе! Што треба да правам за да стекнам вечен живот?“

26. Исус, во одговор му рече: „Што вели за тоа Светото Писмо? Што си прочитал во него?“

27. Човекот одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои сили и со сиот свој разум“, и „Сакај го својот ближен како себеси“.

28. „Токму така!“ - му одговори Исус. „Прави го тоа и ќе живееш.“

29. Но учителот на Законот сакаше да се оправда, па продолжи да Го прашува Исуса: „А кој е мојот ближен?“

30. Исус му одговори вака: “Еднаш, еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Јерихо, беше нападнат од разбојници, кои го ограбија и натепаа, оставајќи го полумртов.

31. Се случи тука да помине еден еврејски свештеник. Тој го забележа човекот, но го заобиколи и си замина.

32. Истото се повтори кога тука помина и еден Левит: тој се доближи до човекот, го виде како лежи и си замина.

33. Потоа намина еден Самарјанец, му пријде и кога го виде, му стана жал;

34. па му ги исчисти раните со масло и вино и му ги преврза. Потоа го качи на своето добиче, го однесе до најблиската гостилница и го смести.

Прочитајте целосна глава Лука 10