Нов Завет

Лука 1:47-66 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

47. извикува од радост мојот дух, заради Бог, мојот Спасител,

48. Кој милозливо си спомна за мене, Неговата ништожна слугинка! Ете, отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат ,Благословена‘,

49. зашто големи нешта направи Семоќниот за мене. Свето е Неговото Име,

50. и милосрдието Негово спрема оние што Го почитуваат продолжува од поколение во поколение.

51. Тој ја испружи Својата моќна рака и ги уништи оние што длабоко во себе се гордееја со своите мисли.

52. Ги симна од власт владетелите, а ги возвиши понизните,

53. ги насити гладните со благо, а богатите ги испрати со празни раце.

54. Му дојде на помош на Својот слуга Израел, припомнувајќи си за милоста

55. што им ја вети на нашите предци, за Авраам и за неговото потомство, довека!“

56. Марија остана кај Елисавета околу три месеци, а потоа се врати дома.

57. Дојде време Елисавета да се породи и таа роди син.

58. Кога нејзините соседи и роднини видоа дека Господ покажа кон неа голема благонаклоност, заедно со неа се радуваа и тие.

59. На осмиот ден по раѓањето го донесоа детето да го обрежат и сакаа да му дадат име Захарија, според името на татко му.

60. Но мајка му рече: „Не, туку ќе се вика Јован!“

61. Тие и велеа: „Па никој од твоите роднини не се вика така!“

62. Потоа преку знаци го прашаа таткото, како сака да се вика детето.

63. Захарија побара една плоча за пишување и напиша: „Ќе се вика Јован!“ Сите беа изненадени.

64. Во истиот миг, му се врати говорот на Захарија и тој почна да Го слави Бога.

65. По ова страв завладеа меѓу луѓето во тој крај, а за овие случки се расправаше по сиот планински предел на Јудеја.

66. Сите што ќе слушнеа за ова размислуваа и се прашуваа: „Што ли ќе биде од ова дете!?“, зашто беше очигледно дека со него беше силата Господова.

Прочитајте целосна глава Лука 1