Нов Завет

Јован 9:3-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

3. „Неговото слепило не е ни поради негов грев, ни поради грев на неговите родители“ - им одговори Исус. „Но поради неговото слепило, ќе се пројават Божјите дела над него.

4. Додека е ден, ние треба да го извршуваме тоа што од Мене го сака Оној што Ме испрати. Доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи.

5. Додека сум во светот, Јас сум Светлина за светот.“

6. Штом го рече тоа, Исус плукна на земјата и со плунката направи кал. Со неа му ги намачка очите на слепиот

7. и му рече: „Оди, измиј се во бањата Шилоах“ (во превод значи: ,Испратен‘). Тој отиде, и откако се изми, се врати гледајќи!

8. Неговите соседи и оние што порано го гледаа како проси, велеа: „Зар овој не е човекот што седеше и просеше?“

9. Едни велеа: „Тој е!“ Други велеа: „Не е тој, туку само личи на него!“ А самиот тој велеше: „Јас сум тој човек!“

10. Тогаш тие го прашаа: „Па како ти се отворија очите?“

11. Тој им одговори: „Еден човек, по име Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ,Оди во бањата Шилоах и измиј се!‘ Откако отидов и се измив - прогледав!“

12. Тие го прашаа: „Каде е Тој човек?“ “Не знам“ - одговори тој.

13. Потоа го доведоа човекот што порано беше слеп кај фарисеите.

14. А тој ден кога Исус направи кал и му ги отвори очите беше сабота.

15. Фарисеите повторно почнаа да го распрашуваат, како прогледал. „Ми стави кал на очите“ - им одговори тој - „Потоа се измив, и еве - гледам!“

16. Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој човек не е од Бога, бидејќи не ја почитува саботата!“ Други, пак, велеа: „Како може грешен човек да прави вакви чуда!?“ Во врска со ова, се јави раздор меѓу нив.

17. Затоа повторно му се обратија на слепиот: „Што мислиш ти за човекот што ти ги отворил очите?“ “Пророк е!“ - одговори тој.

18. Но еврејските верски водачи не му поверуваа дека бил слеп и прогледал, па затоа ги повикаа неговите родители,

19. и ги запрашаа: „Ова ли е вашиот син за кого тврдите дека се родил слеп? Како тоа сега гледа?“

20. Неговите родители им одговорија: „Знаеме дека ова е нашиот син, кој се роди слеп.

Прочитајте целосна глава Јован 9