Нов Завет

Јован 9:26-41 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

26. На тоа тие му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“

27. „Веќе ви кажав“, - им одговори тој - „но вие не слушате! Зошто повторно сакате да чуете? Да не сакате и вие да станете Негови ученици?“

28. Тие почнаа да го навредуваат, велејќи: „Ти си Негов ученик, а ние сме ученици на Мојсеј!

29. Ние знаеме дека Бог му зборувал на Мојсеј, а не знаеме од каде е Овој Човек!“

30. „Чудно!“ - им одговори човекот - „Вие не знаете од каде е, но Тој ми ги отвори очите!

31. Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку ги слуша оние што имаат страхопочит кон Него и ја вршат Неговата волја.

32. Од почетокот на светот па до денес, не се чуло некој да му ги отвори очите на слепороден човек!

33. Ако Тој Човек не беше од Бога, не ќе можеше ништо да стори.“

34. Тие му возвратија: „До гуша си во гревови! Ти ли нас ќе не учиш!?“ И го исфрлија надвор.

35. Исус слушна дека го исфрлиле надвор, па штом го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Човечки?“

36. Човекот одговори: „А кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?“

37. Исус му рече: „Оној во Кого гледаш, Човекот со Кого разговараш - тоа е Тој!

38. „Верувам, Господе“ - одговори тој, па се спростре ничкум и Му се поклони.

39. Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за да го извршам судот: да прогледаат оние што не гледаат, а да станат слепи оние што самоуверено мислат дека гледаат.“

40. Некои од фарисеите што беа со Него Го слушнаа, па Му рекоа: „Зар и нас не сметаш за слепи!?“

41. Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да бидете виновни, но штом тврдите дека гледате - останувате виновни!“

Прочитајте целосна глава Јован 9