Нов Завет

Јован 5:16-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

16. Поради ова, еврејските верски водачи почнаа да Го прогонуваат Исуса, зашто вакви работи правеше во саботите.

17. Но Исус им одговори: „Мојот небесен Татко не престанува да работи, па и Јас работам.“

18. Заради ова, еврејските верски водачи уште поцврсто беа решени да Го убијат, зашто Тој не само што ја прекршуваше уредбата за саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Татко, изедначувајќи се така со Бог.

19. Во одговор, Исус им рече: „Ве уверувам дека Синот не може да прави ништо сам од Себе; Тој го прави само она што го гледа кај Татка си. Тоа што го прави Таткото, го прави и Синот.

20. Зашто, Таткото Го сака Синот и Му покажува се што прави. Тој преку Синот ќе покаже и поголеми дела од ова исцелување, за вие да се чудите.

21. Зашто, како што Таткото ги подига мртвите и ги оживува, исто така и Синот оживува кого сака.

22. Зашто Таткото не суди никого, туку сето право да суди Му Го предаде на Синот,

23. за сите да Го почитуваат Синот, исто како што Го почитуваат Таткото. Оној што не Го почитува Синот, не Го почитува ни Таткото, Кој Го испрати.

24. Ве уверувам дека секој што ја слуша Мојата порака и верува во Бога, Кој Ме испрати, има вечен живот и нема да биде осуден за своите гревови, зашто таквиот веќе преминал од смрт во живот.

25. Ве уверувам дека доаѓа време, и веќе е дојдено, кога мртвите ќе го слушнат Мојот глас - гласот на Божјиот Син. Оние што Му биле послушни - ќе живеат!

26. Зашто, како што Таткото е извор на живот, така Му даде и на Синот да биде извор на живот.

27. Тој Му даде на Синот и право да суди, затоа што Тој е Синот Човечки.

28. Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот кога сите покојници ќе го слушнат гласот на Божјиот Син

29. и ќе излезат од гробовите: оние што правеле добро - ќе воскреснат за да живеат вечно, а оние што вршеле зло - ќе воскреснат за да бидат осудени на вечна казна!

30. Јас не можам ништо да направам самоволно. Судам онака како што Ми кажува небесниот Татко, и Мојот суд е праведен, зашто не постапувам самоволно, туку според волјата на Бог, Кој Ме прати.

Прочитајте целосна глава Јован 5