Нов Завет

Јован 4:46-54 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

46. Тогаш Исус повторно отиде во Галилејска Кана, каде што ја беше претворил водата во вино. Таму имаше еден царски службеник, чиј син лежеше болен во градот Кафарнаум.

47. Штом слушна дека Исус дошол од Јудеја во Галилеја, службеникот отиде кај Него и Го молеше да дојде и да го исцели неговиот син, кој беше на умирање.

48. На тоа, Исус рече: „Никогаш не верувате, доколку не видите натприродни докази и чуда!“

49. „Господине!“ - Му рече царскиот службеник - „Дојди додека не ми умрело детето!“

50. „Оди си, твојот син ќе живее!“ - му рече Исус. Човекот им поверува на зборовите што му ги кажа Исус и си замина.

51. Додека си одеше дома го пречекаа неговите слуги и му кажаа дека детето е живо и дека се чувствува подобро.

52. Тогаш тој ги распраша, кога му станало подобро на детето. „Вчера, во еден часот попладне му помина треската“ - му одговорија тие.

53. Тогаш таткото сфати дека токму во тоа време Исус му рече: „Твојот син ќе живее.“ Така тој и целото негово семејство поверуваа во Исус.

54. Ова беше второто чудо што Исус го направи во Галилеја, по враќањето од Јудеја.

Прочитајте целосна глава Јован 4