Нов Завет

Јован 4:21-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

21. Исус и рече: „Верувај ми, жено, дека доаѓа време кога нема да биде важно дали Му се поклонувате на небесниот Татко во Ерусалим или на оваа гора.

22. Вие Самарјанците не Го познавате Оној на Кој Му се поклонувате. А ние Евреите знаеме на Кого Му се поклонуваме, бидејќи спасението доаѓа преку Евреите.

23. Но доаѓа време, и веќе е дојдено, кога вистинските поклоници ќе бидат воведени во вистината од Божјиот Дух и ќе Му се поклонуваат на небесниот Татко онака како што тоа го сака небесниот Татко.

24. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат мораат да го прават тоа сходно со вистината која им ја открива Божјиот Дух.“

25. Жената му рече: „Знам дека треба да дојде Месијата, Помазаникот. Кога ќе дојде, Тој ќе ни објасни се.“

26. „Тоа Сум Јас - Овој што сега разговара со тебе!“ - и рече Исус.

27. Во тој момент пристигнаа Неговите ученици и се зачудија што Исус разговара со жена, но никој не и рече: „Што сакаш?“, ниту пак некој Му рече на Исус: „Зошто зборуваш со неа?“

28. А жената ја остави својата стомна, отрча во градот и почна да му зборува на народот:

29. „Дојдете да видите еден човек кој ми кажа се што сум направила! Да не е Тој Месијата?“

30. Луѓето излегоа од градот и тргнаа кон Исус.

31. Во меѓувреме, Исусовите ученици Го нудеа: „Раби, земи јади нешто!“

32. Но Тој им рече: „Јас имам храна за која вие не знаете.“

Прочитајте целосна глава Јован 4