Нов Завет

Јован 21:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Подоцна Исус уште еднаш им се појави на Своите ученици, покрај Тибериското Езеро. Тоа се случи вака:

2. Се беа собрале Симон Петар, Близнакот Тома, Натанаел од Галилејска Кана, синовите на Завдај и други двајца од Исусовите ученици.

3. Симон Петар им рече: „Одам на риболов!“ „И ние ќе дојдеме со тебе!“ - му рекоа тие, и сите заедно тргнаа со бротчето. Но цела ноќ не уловија ништо.

4. В зори, Го видоа Исуса на брегот, но не Го познаа.

5. Тој им довикна: „Деца, имате ли некоја риба?“ „Немаме“ - му одговорија тие.

6. Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на бротчето и ќе уловите.“ Тие ја фрлија и не можеа да ја извлечат од големиот број риби што ги уловија.

7. Тогаш, ученикот што му беше љубимец на Исус, му рече на Петар: „Тоа е нашиот Господ!“ Штом слушна дека тоа е Господ, Симон Петар се препаша со наметката што претходно ја беше соблекол, па скокна во езерото и почна да плива кон брегот.

8. Останатите ученици со бротчето беа на околу деведесет метри од брегот и набргу пристигнаа, влечејќи ја мрежата со рибите.

9. Кога излегоа на копното, видоа леб и риба, ставена на разгорен јаглен.

10. Исус им рече: „Донесете од рибите што пред малку ги уловивте!“

11. Симон Петар се качи на бротчето и ја извлече мрежата на брегот. Во неа имаше сто педесет и три големи риби. Иако беше полна со големи риби, мрежата сепак не се скина.

Прочитајте целосна глава Јован 21