Нов Завет

Јован 20:24-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

24. Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави.

25. Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“

26. По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав!

27. Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“

28. Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“

29. А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“

30. Исус пред Своите ученици направи уште многу други чуда кои не се запишани во оваа книга.

31. А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Месијата, Божјиот Син, и преку вера во Него да имате вистински живот.

Прочитајте целосна глава Јован 20