Нов Завет

Јован 20:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Во неделата, уште во рани мугри, додека се уште беше темно, Марија Магдалена дојде на гробот и го виде каменот иставен од отворот на гробницата.

2. Таа со трчање отиде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кој му беше љубимец на Исус, па им рече: „Го зеле телото на Господ од гробницата, а не знаеме каде Го преместиле“

3. Тогаш Петар и другиот ученик излегоа и се упатија кон гробот.

4. Обајцата трчаа, но другиот ученик истрча побрзо од Петар и прв втаса до гробот.

5. Тој се наведна и го виде платното како лежи таму, но не влезе внатре.

6. Кога стигна и Симон Петар, влезе во гробот, па го виде платното како лежи таму,

7. како и погребната шамија која беше употребена за завиткување на Исусовата глава. Шамијата не беше заедно со платното, туку беше одвоено свиткана на едно место.

8. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, па виде и поверува;

9. (зашто тие тогаш не знаеја дека, според Светото Писмо, Исус ќе воскресне од мртвите).

Прочитајте целосна глава Јован 20