Нов Завет

Јован 19:20-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Многумина од Евреите го прочитаа овој натпис, зашто местото каде што Го распнаа Исуса беше близу до градот. Текстот беше напишан на арамејски, на латински и на грчки јазик.

21. Свештеничките поглавари му рекоа на Пилат: „Зошто си напишал ,Цар на Евреите‘? Требаше да напишеш: ?Самопрогласен цар на Евреите!‘“

22. „Што напишав - напишав!“ - им одговори Пилат.

23. Откако Го распнаа Исуса, војниците Му ги зедоа алиштата и ги разделија на четири дела - по еден дел за секој војник. Но туниката на Исус беше без раб, исткаена од еден дел.

24. Затоа тие си рекоа еден на друг: „Да не ја кинеме, туку ајде да фрлиме жрепка за неа, па да видиме кој од нас ќе ја добие!“ Така се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Моите алишта си ги разделија, а за туниката фрлија жрепка.“

25. Веднаш до Исусовиот крст стоеја Неговата мајка, нејзината сестра, чие име беше Марија, која му беше сопруга на Клопас, и Марија Магдалена.

26. Кога Исус ги виде Својата мајка и Својот милен ученик крај неа, Тој и рече на мајка си: „Жено, сега тој ќе ти биде син!“

27. Потоа му рече на ученикот: „Отсега таа нека ти биде мајка!“ Од тој ден, тој ја зеде Исусовата мајка кај себе.

28. Потоа, знаејќи дека целокупното Негово дело е завршено, а за да се исполни Светото Писмо, Исус рече: „Жеден сум!“

29. Таму имаше еден сад полн со вински оцет. Откако закачија сунѓер натопен во винскиот оцет на една прачка од хисоп, Му го принесоа до устата.

30. Штом вкуси од винскиот оцет, Исус рече: „Се сврши!“ Потоа ја наведна главата и умре.

31. Тој ден, петок, беше денот на подготовка за утрешниот празник Пасха, кој за Евреите претставува особено значаен празник. Затоа тие побараа од Пилат да им ги прекрши нозете на распнатите и да ги симне, за да не останат да висат телата распнати на крстовите и во саботата.

32. Така, војниците дојдоа и најпрво им ги прекршија нозете на другите двајца кои беа распнати со Исус.

33. А кога дојдоа до Исус видоа дека веќе е мртов, па не Му ги скршија нозете.

34. Наместо тоа, еден од војниците со копје Го прободе под ребрата, при што потекоа крв и вода.

35. Знаеме дека сето ова е точно, затоа што го кажува човекот што лично беше таму и со свои очи виде. Затоа можете да верувате и вие.

36. Ова се случи за да се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Ниту една Негова коска нема да биде скршена.“

37. На друго место Писмото вели: „Ќе Го гледаат Оној што Го прободоа.“

38. Подоцна Јосиф од градот Ариматеја, кој беше таен Исусов следбеник, поради страв од Евреите, побара од Пилат да му го даде телото на Исус. Пилат му одобри и Јосиф отиде и го зеде телото од крстот.

39. Дојде и Никодим со околу триесет и четири килограми смеса од ароматични смоли. Тоа беше оној Никодим кој порано беше дошол кај Исус ноќе.

40. Тие го зедоа Исусовото тело и го завиткаа во платно, заедно со ароматичните смоли, според еврејскиот обичај на подготвување за погреб.

Прочитајте целосна глава Јован 19