Нов Завет

Јован 18:9-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Тој го направи ова за да се исполнат зборовите што ги рече: „Не загубив ниту еден од оние што Ми ги даде.“

10. Тогаш Симон Петар, кој имаше меч, го извлече и го удри слугата на Првосвештеникот, отсекувајќи му го десното уво. Името на слугата му беше Малхус.

11. Исус му заповеда на Петар: „Врати го мечот во канијата! Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Таткото?“

12. Тогаш римскиот заповедник, со својот одред и со гардистите на храмот, Го уапси Исуса.

13. Го врзаа и Го одведоа најнапред кај Анан, кој му беше дедо на Кајафа, Првосвештеникот за таа година.

14. Тоа беше истиот оној Кајафа што ги посоветува Евреите дека е подобро еден човек да умре за народот.

15. Симон Петар и еден друг ученик одеа по Исус. Тој ученик се познаваше со Првосвештеникот, па влезе заедно со Исус во дворот на Првосвештеникот,

16. а Петар остана надвор, пред влезот. Тогаш другиот ученик, кој се познаваше со Првосвештеникот, излезе и откако зборуваше со вратарката, го внесе и Петар внатре.

17. А вратарката му рече на Петар: „Да не си и ти еден од учениците на Овој човек?“ „Не сум!“ - и одговори тој.

18. Беше студено, па слугите и гардистите стоеја околу огнот што го запалија и се грееја. И Петар дојде кај нив, за да се стопли.

19. Во меѓувреме, Првосвештеникот Го испрашуваше Исуса за Неговите ученици и за Неговото учење.

20. „Јас отворено му зборував на светот“ - му одговори Исус. „Секогаш поучував во синагога или во храмот, каде што сите Евреи се собираат. Ништо не сум зборувал во тајност.

21. Зошто ме прашуваш Мене, што сум им зборувал? Прашај ги оние што Ме слушаа! Тие знаат што зборував!“

Прочитајте целосна глава Јован 18