Нов Завет

Јован 18:24-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

24. Тогаш Анан Го испрати Исуса врзан кај Првосвештеникот Кајафа.

25. Додека Симон Петар се уште стоеше таму и се грееше, некој го праша: „Да не си и ти еден од учениците на Оној човек?“ Петар вторпат одрече, велејќи: „Не сум!“

26. Еден од слугите на Првосвештеникот, кој му беше роднина на Малхус, на кого Петар му го отсече увото, рече: „Зар не те видов и тебе во градината со Оној човек?“

27. Петар третпат одрече и во тој момент запеа петел.

28. Беше рано наутро кога Го одведоа Исуса откај Кајафа до палатата на гувернерот. Евреите не влегоа во палатата, зашто секаква близина со неевреи би ги опоганила, и тие не би можеле да ја јадат Пасхалната вечера.

29. Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“

30. Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“

31. Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите.

32. Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот на кој Тој ќе умре.

33. Тогаш Пилат се врати во палатата, Го повика Исуса, и Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“

34. Исус одговори: „Од тебе ли потекнува ова прашање, или други ти кажувале за Мене?“

35. „Зар сум јас Евреин?“ - одговори Пилат. „Твојот народ и свештеничките поглавари Те предадоа кај мене. Што си сторил?“

36. Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Да беше Моето царство од овој свет, Моите следбеници ќе се бореа да не им паднам во рацете на еврејските верски водачи. Не, Моето царство не е одовде.“

Прочитајте целосна глава Јован 18