Нов Завет

Јован 16:23-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. Во тој ден, за ништо повеќе нема да Ме прашувате. Ве уверувам дека Мојот небесен Татко ќе ви даде се што ќе посакате во Мое име.

24. Досега не сте побарале ништо во Мое име. Барајте и ќе добиете, за да бидете наполно среќни.“

25. „Се користев со споредби за да ви го објаснам тоа што сакав да ви го кажам. Доаѓа време кога нема повеќе да се служам со споредби, туку отворено ќе ви кажувам за небесниот Татко.

26. Во тој ден ќе барате во Мое име и не ќе има потреба Јас да Го молам Таткото за вас,

27. зашто, Таткото и Самиот ве сака, бидејќи вие Мене Ме засакавте и поверувавте дека Јас дојдов од Бога.

28. Јас дојдов од Таткото и влегов во светот. Сега заминувам од светот и се враќам кај Таткото.“

29. Неговите ученици рекоа: „Ете, сега ни зборуваш отворено и не се служиш со споредби.

30. Сега знаеме дека Ти разбираш се и нема потреба да Те прашуваме. Поради тоа, ние веруваме дека Ти си дојден од Бог.“

31. Исус им одговори: „Велите дека сега верувате?

32. Еве, доаѓа часот, и веќе е дојден, кога ќе се разбегате, секој на своја страна, а Мене ќе Ме оставите Сам. Сепак, Јас нема да бидам сам, зашто Таткото ќе биде со Мене.

33. Овие работи ви ги кажав, за да имате мир преку единство со Мене. Додека сте во светот, ќе доживувате страдања, но разведрете се - Јас го поразив светот!“

Прочитајте целосна глава Јован 16