Нов Завет

Јован 15:5-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Ако останете сврзани за Мене и Јас за вас, ќе бидете многу плодотворни. А без Мене не можете да постигнете ништо.

6. Ако не останете сврзани за Мене, ќе бидете исфрлени како отсечени прачки и ќе се исушите. А сувите прачки ќе бидат собрани и в оган изгорени.

7. Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета.

8. Кога вие ќе станете Мои плодотворни ученици, тоа ќе Му донесе слава на Мојот небесен Татко.

9. Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов.

10. Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов.

11. Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас.

12. Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам.

13. Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив.

14. Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам.

15. Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко.

16. Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име.

17. Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“

18. „Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија.

Прочитајте целосна глава Јован 15