Нов Завет

Јован 13:11-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Исус знаеше кој ќе Го предаде и затоа рече: „Сите не сте чисти“.

12. Откако им ги изми стапалата и ја облече наметката, Исус повторно седна и им рече: „Сфаќате ли што направив за вас?

13. Ме нарекувате Учител и Господ, и со право така велите, зашто Јас навистина сум тоа.

14. Кога Јас, вашиот Господ и Учител, ви ги измив стапалата, тогаш и вие треба да си ги миете стапалата еден на друг.

15. Јас ви дадов пример за да постапувате и вие како што Јас постапив со вас.

16. Ве уверувам дека слугата не е поголем од господарот, ниту пратеникот од оној што го испратил.

17. Штом ги знаете овие работи, благословени ќе бидете ако ги извршувате.

18. Не ви се обраќам на сите. Јас ги знам оние што сум ги избрал. Но она што го вели Светото Писмо мора де се исполни. А тоа вели: ,Оној што заедно со мене јадеше, ја крена својата петица против мене‘.

19. Ви ги кажувам овие работи уште пред да се случат, па кога ќе се исполнат, да поверувате дека Јас Сум Тој што Сум.

20. Ве уверувам дека секој што го прима оној што Јас го испраќам - Мене Ме прима; а Кој Ме прима Мене - Го прима Оној што Ме испрати.“

21. Откако го рече ова, Исус длабоко се натажи и рече: „Ова што ќе ви го кажам е вистина: еден од вас ќе Ме предаде!“

22. Учениците започнаа да се загледуваат еден во друг, прашувајќи се за кого зборува.

23. Еден од Неговите ученици беше навален на Исусовите гради. Тој му беше најомилениот ученик на Исус.

24. Нему Симон Петар му даде знак да праша на кого се однесува реченото?

25. Тој повторно се навали на Исусовите гради и Го праша: „Господе, за кого зборуваш?“

26. Исус му одговори: „Тоа е оној на кого ќе му го дадам залакот што ќе го макнам.“ Потоа го макна залакот и му го даде на Јуда Искариот, син на Симон.

27. Веднаш по залакот, Сатаната влезе во Јуда. Исус, пак, му рече: „Направи го брзо тоа што си наумил да го направиш!“

28. Но никој од присутните не разбра зошто Исус му рече така.

Прочитајте целосна глава Јован 13