Нов Завет

Јован 13:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Беше ден пред празникот Пасха. Исус знаеше дека дојде времето да замине од овој свет и да се врати кај Таткото. Тој отсекогаш ги сакаше Своите следбеници кои беа во светот, и остана да ги сака докрај.

2. За време на вечерата (а Ѓаволот веќе го беше поттикнал срцето на Јуда Искариот, син на Симон, да Го предаде),

3. Исус, знаејќи дека Таткото Му предал се во Негови раце и дека од Бог излегол и кај Бог се враќа,

4. стана од вечерата, ја соблече наметката и се препаша со крпа.

5. Потоа Тој налеа вода во леген и започна да им ги мие стапалата на учениците и да им ги брише со крпата со која беше препашан.

6. Кога стигна до Симон Петар, овој Му рече: „Господе, зар Ти да ми ги миеш стапалата!?“

7. Исус му одговори: „Ти сега не го разбираш ова што Јас го правам, но подоцна ќе сфатиш.“

8. „Не!“ - му рече Петар - „Ти никогаш нема да ми ги миеш стапалата!“ „Ако не те измијам“ - му одговори Исус - „нема да имаш дел со Мене!“

9. „Господе“, - му рече Симон Петар - „тогаш измиј ми ги не само стапалата, туку и рацете и главата!“

10. Исус му рече: „На искапаниот треба само стапалата да му се измијат, затоа што целиот е чист. Вие сте чисти, но не сите.

11. Исус знаеше кој ќе Го предаде и затоа рече: „Сите не сте чисти“.

12. Откако им ги изми стапалата и ја облече наметката, Исус повторно седна и им рече: „Сфаќате ли што направив за вас?

13. Ме нарекувате Учител и Господ, и со право така велите, зашто Јас навистина сум тоа.

Прочитајте целосна глава Јован 13