Нов Завет

Јован 11:11-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Откако го рече ова, Исус им најави: „Нашиот пријател Лазар заспал, и Јас одам таму за да го разбудам.“

12. „Господе“, - Му рекоа учениците - „Штом заспал, значи дека заздравува од болеста!“

13. (Исус сакаше да каже дека Лазар умрел, но тие претпоставија дека зборува за обично спиење.)

14. Тогаш Исус отворено им рече: „Лазар умре.

15. Мило ми е што Јас не бев таму, зашто сега ќе добиете уште една можност да поверувате. Но, ајде да одиме кај него.“

16. Во тој момент, Тома, кого го викаа Близнак, им рече на учениците: „Да одиме со Учителот и ние да умреме со Него!“

17. Кога Исус пристигна во Бетанија, Му кажаа дека Лазар е веќе четврт ден во гробот.

18. Бетанија беше близу до Ерусалим, на оддалеченост од околу три километри.

19. Многу сонародници на Марта и Марија беа кај нив, за да ги утешуваат по повод смртта на нивниот брат.

20. Кога Марта дозна дека Исус доаѓа, таа Му појде во пресрет, а Марија остана дома.

21. Марта Му рече на Исус: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре!

22. Но, знам дека Бог ќе Ти даде и сега, се што ќе посакаш од Него!“

23. „Брат ти ќе воскресне!“ - и одговори Исус.

24. Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне на крајот, кога ќе биде воскресението.“

25. Тогаш Исус и одговори: „Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре!

26. Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?“

27. „Да, Господе“, - Му одговори Марта - „јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!“

Прочитајте целосна глава Јован 11