Нов Завет

Јован 10:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Ве уверувам дека, штом некој не влегува низ вратата на трлото, туку се обидува да прескокне на друго место, тој е крадец и разбојник.

2. Вистинскиот пастир на овците влегува низ вратата.

3. Нему вратарот Му отвора. Овците го слушаат Неговиот глас, а Тој ги повикува Своите овци по име и ги изведува.

4. Кога ќе ги изведе сите Свои овци, Тој оди пред нив, а Неговите овци Го следат, бидејќи Му го познаваат гласот.

5. Тие никогаш нема да следат туѓинец, туку ќе бегаат од него, бидејќи не му го познаваат гласот.“

6. Исус им ја кажа оваа алегорична приказна, но тие не разбраа што сакаше да им каже.

7. Тогаш Исус повторно им рече: „Ве уверувам дека Јас сум вратата за овците.

8. Сите што дојдоа пред Мене беа крадци и разбојници, но Божјите овци не ги послушаа.

9. Јас сум вратата. Секој што ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; ќе може да влегува, да излегува и да наоѓа пасиште.

10. Крадецот доаѓа само за да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да дадам живот - и тоа живот во сета негова полнота.

11. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир го дава Својот живот за овците.

12. Наемникот не е вистински пастир; овците не се негови, и кога тој ќе забележи дека се приближува волк ги остава овците и бега. Тогаш волкот го напаѓа стадото и го распрснува.

13. Наемникот бега, зашто е наемник и не му е грижа за овците.

14. Јас сум добриот Пастир. Јас ги познавам Моите овци и тие Ме знаат Мене,

15. како што Таткото Ме знае Мене, и како што Јас Го знам Таткото. И Својот живот го давам за овците.

Прочитајте целосна глава Јован 10