Нов Завет

Јаков 2:8-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Добро правите, ако го исполнувате Господовиот царски закон запишан во Светото Писмо: „Сакај го својот ближен колку што се сакаш себеси.“

9. Но ако спрема едни луѓе се однесувате подобро, а спрема други полошо, правите грев и според Светото Писмо вие сте престапници.

10. Дури и ако некој се придржува до целиот Закон, а згреши само на едно место, тој е виновник, како и оној што го прекршува целиот Божји Закон.

11. Зашто, истиот Бог, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Ако не си извршил прељуба, а си убил, ти си прекршител на Законот.

12. Зборувајте и постапувајте како луѓе што ќе бидат судени според милостивиот Закон што не ослободува!

13. Инаку, на Судниот ден Бог нема да има милост спрема оние што биле безмилосни спрема другите. Милоста ја поразува осудата.

14. Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси?

15. Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна.

16. Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неопходно за да преживее!?

17. Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера.

18. Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера.

19. Вие верувате дека има само еден Бог. Тоа е добро, но дури и демоните веруваат во тоа и се тресат од страв!

20. Зар не сакаш да сфатиш, површен човеку, дека од вера без дела нема никаква корист!?

21. Врз основа на што Бог го прогласи за праведен, нашиот прататко Авраам? Зарем тоа не беше преку дела, кога го стави својот син Исак врз жртвеникот?

Прочитајте целосна глава Јаков 2