Нов Завет

Јаков 2:3-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

3. Ако вие, гледајќи според облеката, му речете на човекот во убава облека: „Седни овде, на убаво место.“ - а на сиромашниот му речете: „Ти стој овде!“, или „Седни на подот!“,

4. зарем со тоа не ги двоите луѓето, раководејќи се според неправедни мотиви!?

5. Послушајте ме, драги пријатели! Зарем Бог не ги одбра сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на Царството што им го вети на оние што Го сакаат?

6. А вие ги презирате сиромашните! Кој ве измачува, кој ве влечка по судови? Токму богатите!

7. Зарем не се богатите тие што го навредуваат Божјото возвишено име што вие го носите?

8. Добро правите, ако го исполнувате Господовиот царски закон запишан во Светото Писмо: „Сакај го својот ближен колку што се сакаш себеси.“

9. Но ако спрема едни луѓе се однесувате подобро, а спрема други полошо, правите грев и според Светото Писмо вие сте престапници.

10. Дури и ако некој се придржува до целиот Закон, а згреши само на едно место, тој е виновник, како и оној што го прекршува целиот Божји Закон.

11. Зашто, истиот Бог, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Ако не си извршил прељуба, а си убил, ти си прекршител на Законот.

12. Зборувајте и постапувајте како луѓе што ќе бидат судени според милостивиот Закон што не ослободува!

13. Инаку, на Судниот ден Бог нема да има милост спрема оние што биле безмилосни спрема другите. Милоста ја поразува осудата.

Прочитајте целосна глава Јаков 2