Нов Завет

Галатјаните 5:12-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Би сакал оние што ве збунуваат терајќи ве да се обрежете, да не застанат на обрежувањето, туку самите себе и да се кастрираат!

13. Што се однесува до вас, драги пријатели христијани, вие сте избрани да живеете во слобода. Немојте, меѓутоа, таа слобода да ви биде изговор за да дозволите телесното да завладее со вас. Напротив, со љубов служете си еден на друг.

14. Зашто, целиот Закон може да се сведе само на една заповед: „Сакај го својот ближен како што се сакаш себеси.“

15. Но, ако наместо да се сакате, се гризете и се растргнувате како диви ѕверови, внимавајте сосема да не се уништите!

16. Сакам да ви го кажам следново: дозволете Светиот Дух да ве раководи и нема да им подлегнувате на грешните телесни похоти.

17. Грешните телесни похоти се противат на дејствувањето на Светиот Дух, а Светиот Дух се противи на дејствувањето на грешните телесни похоти. Овие две сили се борат една против друга. Тоа значи дека нема да можете да правите се што ќе посакате.

18. Но ако сте водени од Светиот Дух, значи дека вие веќе не сте под Законот.

19. Делата на грешната телесна природа се видливи: блуд, погани работи, разврат,

20. идолопоклонство, вражање, омрази, кавги, љубомора, гнев, себичност, поделби, ереси,

21. завист, пијанство, развратни гозби и слични нешта за кои веќе порано ве предупредив. Како што веќе ви зборував, оние што прават такви нешта нема да го наследат Божјото царство.

22. Од друга страна, ако ве раководи Светиот Дух, Тој ќе ги произведе во вас следниве плодови: љубов, радост, мир, трпеливост, љубезност, добрина, верност,

23. кроткост и самоконтрола. Не постои закон што е против вакви нешта.

24. Тие што Му припаѓаат на Исус Христос, ја имаат распнато својата грешна телесна природа, заедно со нејзините необуздани желби и страсти.

25. Ако Светиот Дух ни дал живот, тогаш треба да живееме согласно Неговото водство.

Прочитајте целосна глава Галатјаните 5