Нов Завет

Галатјаните 3:13-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Христос не ослободи од проклетството на Законот, така што, наместо ние, Тој ги поднесе последиците на проклетството. Во Светото Писмо е запишано: „Проклет е секој што е обесен на дрво.“

14. Така ветувањето што Бог му го даде на Авраам сега може преку Исус Христос да се исполни и сите народи да добијат благослов. Тоа ветување е дека ќе го примат Светиот Дух, врз основа на верата во Христос.

15. Драги пријатели христијани, да ви дадам еден пример од секојдневноста. Ако двајца луѓе склучат договор, никој од нив не може ниту да отстапи од него, ниту пак нешто да додаде кон него.

16. Ветувањето му беше дадено на Авраам и на неговиот Потомок. Светото Писмо не вели „на твоите потомци“, како да се повеќемина, туку вели: „на твојот Потомок“, а тоа е Христос.

17. Сакам да кажам дека Мојсеевиот Закон не може да го промени или поништи ветувањето што Бог го даде четиристотини и триесет години пред да Му биде даден Законот на Мојсеј.

18. Ако добивањето на наследството зависи од придржувањето кон Мојсеевиот Закон, тогаш Божјото ветување не би играло никаква улога, а знаеме дека Бог му подари на Авраам наследство врз основа на Своето ветување.

19. Тогаш зошто постои Мојсеевиот Закон? Тој им беше даден на луѓето за да сфатат дека се грешни. Тој беше на сцена се додека не дојде Потомокот за Кого беше дадено ветувањето. Постои уште една разлика. Ангелите му го дадоа Законот на Мојсеј, а тој им го пренесе на луѓето.

20. Посредник е потребен кога има две страни, а при ветувањето дадено на Авраам, Бог дејствуваше самостојно.

21. Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот.

22. Светото Писмо, меѓутоа, вели дека сите сме заробеници на гревот, па единствениот начин да го добиеме она што Бог го вети е преку вера во Исус Христос.

23. Пред да ни се објави верата во Христос, како начин да бидеме прифатливи за Бог, Законот не чуваше како затвореници, под свој надзор.

24. Така Законот ни беше воспитувач што не водеше кон Христос, за да се помириме со Бог преку вера.

Прочитајте целосна глава Галатјаните 3