Нов Завет

Филипјаните 1:23-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. Растргнат сум од овие две желби: да го напуштам овој живот и да бидам со Христос, зашто за мене тоа е далеку подобро,

24. или да останам овде, во тело, што би било многу покорисно за вас.

25. Со таа увереност ќе останам со сите вас и ќе продолжам да работам, за да напредувате и да се радувате во верата,

26. па кога повторно ќе бидам со вас ќе имате уште поголема причина да се гордеете со вашата вера во Исус Христос и со мене.

27. Трудете се да живеете достојно на Радосната вест на Христос. Без разлика дали сум со вас и можам да видам што правите, или сум отсутен, сакам да слушам само добро за вас: дека еднодушно и сложно се борите за верата што произлегува од Радосната вест.

28. Немојте да се плашите од вашите непријатели. Бидете секогаш храбри. Со тоа ќе им покажете дека тие ќе изгубат, а вие ќе бидете спасени, зашто Бог е на ваша страна.

29. Дадена ви е привилегијата да Му служите на Христос, не само со тоа што ќе верувате во Него, туку и со тоа што ќе страдате за Него,

30. водејќи ја истата борба што ја водев јас, како што и самите видовте, борба што и сега, како што слушате, продолжувам да ја водам.

Прочитајте целосна глава Филипјаните 1