Нов Завет

Филипјаните 1:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Од Павле и Тимотеј, службеници на Исус Христос,

2. Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.

3. Секојпат кога ќе помислам на вас, Му се заблагодарувам на мојот Бог

4. и секогаш со задоволство се молам за вас,

5. зашто вие ми помагате во ширењето на Радосната вест уште од првиот ден кога ја слушнавте, па се досега.

6. Сигурен сум дека Бог, Кој ја започна оваа добра работа во вас, ќе продолжи да ја води, се додека не ја заврши, на денот кога Исус Христос повторно ќе дојде.

7. Сите сте ми многу драги, и со право ми прираснавте за срце, зашто и вие ја делите со мене оваа привилегија што Бог ми ја даде, сега, кога сум в затвор, како и порано кога бев слободен, да ја бранам и ширам Радосната вест.

8. Бог ми е сведок дека моите чувства спрема сите вас се искрени и дека ве сакам онака како што ве сака и Исус Христос.

9. Се молам и вашата љубов еден спрема друг се повеќе да расте, вашето знаење да се продлабочува, и се потемелно да ги разбирате работите,

10. за да знаете да го одберете она што е најдобро. Така, на денот кога Христос ќе се врати, ќе бидете беспрекорни и чисти.

11. Вашите животи ќе бидат исполнети со вистински вредности, какви што само Исус Христос може да создаде, за слава и величање на Бог.

12. Сакам да знаете, драги пријатели христијани, дека она што ми се случи, помогна Радосната вест уште поуспешно да се шири.

13. Целата царска стража во касарната и сите луѓе што се овде дознаа дека сум затворен поради тоа што проповедам за Христос.

14. Мојот престој во затворот кај повеќето христијани ја зацврсти нивната вера во Господ, ги поттикна да бидат посмели и без страв да ја проповедаат Божјата порака.

15. Навистина, некои тоа го прават од завист и од соперништво спрема мене, но другите со најискрени намери проповедаат за Христос.

Прочитајте целосна глава Филипјаните 1