Нов Завет

Евреите 9:10-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Овие обреди се однесуваат само на храна, пијалак и разни обреди на исчистување, кои беа поставени до времето кога Бог воведе нов ред.

11. Но кога Христос дојде како Првосвештеник на добри нешта кои сега ни пристигнаа, Тој влезе во многу повозвишено и посовршено Светилиште, кое не е изградено од човечка рака и не е дел од овој создаден свет.

12. Христос принесе крв во Најсветото место еднаш засекогаш, но не крв од јарци и јунци, туку ја принесе сопствената крв и на тој начин засекогаш го обезбеди нашето спасение.

13. Ако според строгиот религиозен систем луѓето телесно „се исчистуваа“ попрскувајќи се со крв на јарци и бикови и со пепел од јуници,

14. колку повеќе, тогаш, може да постигне крвта на Христос! Преку вечниот Дух, Тој се принесе Себеси како совршена жртва пред Бог. Неговата крв ја исчистува нашата совест од дела што водат во смрт, за да Му служиме на живиот Бог!

15. Христос умре за да ги ослободи од казната оние што згрешија и го прекршија Стариот завет. Така Тој стана Посредник меѓу Бог и луѓето на еден нов завет преку кој сите што се повикани од Бог ќе го примат вечното наследство што Бог им го вети.

16. Ваквиот завет, всушност, е тестамент: тој стапува на сила само откако ќе умре тој што го напишал.

17. Се додека е живо лицето што го остава тестаментот, тој не може да се користи. Тестаментот стапува на сила дури откако ќе умре оној што го остава.

Прочитајте целосна глава Евреите 9